Tag: <span>2020</span>

Одржан Информативен ден – ИПАРД Програмата, мерка 1

Во организација на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на РСМ и „3Д Проект Студио“ на 06.03.2020 во Салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село со почеток во 11 часот се одржа информативен ден за ИПАРД финансирачките можности, мерка 1.

Сите земјоделци кои сакаат да ги модернизираат фармите се до 14 април 2020 година, ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка преку ИПАРД 2 Програмата. Станува збор за мерката „ Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.216.693 евра или 568.147.394 денари. Овој повик им овозможува на земјоделските стопанства широк спектар на инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати.

Подобни корисници се:

Земјоделско стопанство:

  • Физичко лице (носител на семејно земјоделско стопанство);
  • Индивидуален земјоделец – ИЗ;
  • Правно лице;

Задруги

2. Приоритетни сектори се:

Растително производство

Житарици, индустриски култури, фуражни култури, градинарство (вклучувајќи и компир), повеќегодишни култури (овоштарници, вклучувајќи и трпезно грозје, маслинки, медоносни дрва за производство на мед), лозја.

Сточарско производство

Говедарство (млечно говедарство, гоење), свињарство (репродукција, гоење), овчарство и козарство (млечно овчарство/козарство, гоење), живинарство ( производство на месо – бројлери, кокошки носилки).

Преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделско стопанство

Млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук вклучувајќи и компири, печурки и мешункасти култури, жита, мелнички производи и производи од скроб, растителни и животински масла и масти, шира од грозје, сок од грозје, вино и оцет и сточна храна и фуражни култури.

Производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка

Обработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса (освен биомаса од рибни производи) за производство на биогас и/или био горива, користење на сончева енергија, ветерници, геотермална енергија итн.

3. Прифатливи инвестиции

  • Конструкција/реконструкција на објекти за производство или помошни објекти;
  • Конструкција/реконструкција на објекти кои се користат за пост-бербени активности и преработка на земјоделски производи;
  • Набавка на повеќегодишни растенија;
  • Набавка на нови машини и опрема;
  • Објекти и опрема за наводнување;
  • Набавка на специјализирани транспортни приколки;
  • Инфраструктура на земјоделско стопанство.

4.Висина на финансиската поддршка

Висината на финансиската поддршка изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Висината на финансиската поддршка ќе се зголеми до:

  • 65% за инвестиции во земјоделски стопанства реализиарани од страна на млади земјоделци;
  • 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Финансиската поддршка ќе се зголеми за 10 % за:

  • Инвестиции кои се однесуваат на системи складирање и управување со арско ѓубре;
  • Инвестиции за подобрување на ефикасноста од употребата на азотни ѓубривa и сл;
  • Инвестиции во објекти/опрема, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на био-енергија;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на енергија од другите обновливи извори за задоволување на сопствените потреби за енергија на земјоделско стопанство;
  • Инвестиции во објекти/опрема за третман на отпадни води/канализација.

Минимална вредност на вкупните прифатливи трошоци за инвестициски проект – 3.000 €.

Максимална вредност на вкупните прифатливи трошоци по еден корисник изнесува 1.500.000 €

за целиот период на спроведувањето на Програмата.

Идни инвестиции

Барателите може да поднесат повеќе проекти во рамките на оваа мерка во текот на спроведувањето на Програмата, под услов максималните вкупни прифатливи трошоци (до 1.500.000 €) да не бидат надминати и претходните проекти да бидат реализиарни (исплатени на корисникот).

Подетални информации во однос на рокот и начинот на аплицирање, услови и сл. може да се најдат на следниот линк: http://ipard.gov.mk

 

Одржан првиот Форум на локалната заедница во Општина Ново Село

Организиран форум под насловот „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на Општина Ново Село“. Форумот се одржа на 20.02.2020 година во Салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село со почеток од 15:00 часот.

На форумот беа присутни претставници на бизнис секторот, месните заедници, локални заинтересирани граѓани, градоначалникот на Општина Ново Село и општинската администрација. Поради големиот интерес и приклучување на локални заинтересирани граѓани и месни заедници, првично планираниот „Бизнис форум“ е преименуван во „Форум на локалната заедница“. Форумот имаше конструктивна дискусија во однос на формирање на работна група, модели на работа, како и идентификување на приоритетни проблеми кои се јавуваат во општината. Како најосновни приоритети произлегоа проблемите од комуналната сфера кои доминираат во општината.

Од форумот произлезе и првата работна група која е составена од 15 членови. Работната група беше формирана на доброволна база и е отворена за сите заинтересирани. Работата на работната група ќе биде отворена и транспарентна, и сите заинтересирани граѓани може да присуствуваат на нејзините  работни сесии. Работната група ќе се состанува еднаш неделно, а генерално форумот ќе се состанува еднаш месечно, во последниот четврток во месецот, во 15:00 часот.

Соопштение за медиумите во однос на Бизнис Форум организиран во Општина Ново Село

Предмет: Соопштение за медиумите

Почитувани,

Од овогодинашната средба помеѓу Градоначалникот на Општина Ново Село Г-дин Никола Андонов и бизнис заедницата по повод Стара Нова Година 2020, каде беше разговарано за тековните проблеми, можните решенија и можностите за подобрување на соработката помеѓу општината и бизнис заедницата произлезе потребата за редовна комуникација помеѓу општината и заедницата.

За таа цел, Општина Ново Село поттикната од бизнис заедницата организира Бизнис Форум насловен „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на Општина Ново Село“.

Овој бизнис форум има за цел да ја олесни понатамошната соработка помеѓу релевантните чинители (бизнис сектор, јавни и образовни институции,  месни заедници, здруженија на граѓани) за заеднички настап и учество во активности за подобрување на условите за развој на општината а со цел подобрување на квалитетот на животот на локалната заедница во Општина Ново Село.

Во рамките на настанот ќе се дебатираат следните теми:

  • Предлози за организирање на можни модели за бизнис партнерство
  • Избор на работна група за комуникација со општинската администрација
  • Општа дискусија
  • Заклучоци и план за понатамошни активности

Настанот ќе биде одржан на 20.02.2020 (Четврток) во Сала за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село, со почеток од 15:00 часот и е воедно отворен за сите медиуми кои имаат желба да присуствуваат.

Одобрени средства за Доизградба на фекално канализационен систем во Ново Село

На Шестата Седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 4 февруари 2020 година, се разгледуваше „Точка 43: Информација за отпочнување со реализација на проектот: Доградба на фекален канализационен систем за Ново Село, Општина Ново Село“.

Владата ја разгледа Информацијата и даде согласност за обезбедување средства во висина од 55 милиони денари со ДДВ за реализирање на проектот односно изградба на фекален канализационен систем во Ново Село. Во наредните месеци ќе биде спроведена тендерска постапка за избор на најповолен понудувач за изведување на градежните активности, а тендерската постапка ќе биде објавена и водена од страна на Министерството за транспорт и врски.

Со овие средства ќе се овозможи целосна мрежна покриеност на Ново Село со фекален канализационен систем каде сите домаќинства и институции во Ново Село ќе имаат можност да се приклучат и да ги користат овие услуги.

Информации за новопоставените агрометеоролошки станици

На ден 10.01.2020 година, со почеток од 13:30 часот, во салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село се одржа информативен ден за новопоставените агрометеоролошки станици во југоисточниот плански регион. Информативниот ден е дел од активностите на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“, кој е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со сите десет (10) општини во регионот. На територијата на Општина Ново Село се поставени две (2) такви станици, од кои едната е во Борисово а другата во Зубово. Целта на овој проект е да се овозможи брз и современ начин за добивање на потребните податоци со цел да се извршуваат соодветни мерки за управување со земјоделските култури, а истовремено и заштита на животната средина преку намалување на процентот на третирање на почвата.

Информациите кои произлегуваат од поставените станици се бесплатно достапни за сите. Достапните информации се однесуваат на влажност и температура на воздух, правец и брзина на ветер, сончева радијација, влажност и температура на почва, влажност на лист и прогноза на болести. Прогноза на можни болести и штетници на одредени култури се овозможени преку метео станиците од каде може да се добијат навремени информации за почетокот, траењето и интензитетот на појавата на поединечни болести или штетници за секоја култура посебно.

Измерените податоци од станиците може да се добијат преку користење на мобилна апликација која е достапна за сите паметни мобилни телефони (Android и iOS), таблет или компјутер кои имаат пристап до Интернет или преку пристап до веб станицата www.agrojug.mk

 

Font Resize
Контраст