Category: <span>Вести</span>

Известување за работењето на зелениот пазар во Ново Село!

Општина Ново Село и ЈПКД „Комуна“ Ве известуваат дека зелениот пазар кој се организира секој четврток, ќе продолжи да функционира со рестриктивни мерки а во согласност со препораките на Влада на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на коронавирусот Ковид-19.

На пазарот ќе биде дозволено само продавање на храна односно на земјоделски производи од типот на овошје, зеленчук, житни култури и сл. за да можат граѓаните да се снабдат со основните намирници. Останатите продавачи од типот на продавачи на текстил, облека, обувки и сл. им се забранува продавањето на пазарот.

Продавачите на пазарот ќе бидат распоредени на препорачаното растојание, а се апелира до граѓаните да излезат на пазар само по потреба, да практикуваат лична и респираторна хигиена, и да избегнуваат пазарење во групи, односно да оставаат доволно растојание помеѓу луѓето при пазарење. Граѓаните строго да се придржуваат кон препораките од Владата на РСМ и Министерството за здравство во однос на заштита на јавното здравје.

Во овој период на рестриктивни мерки организирањето на сточниот пазар во Ново Село е забрането.

Времен прекин на прием на странки во Општина Ново Село

ИЗВЕСТУВАЊЕ!

Почитувани,

Врз основа на препораките издадени од Владата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на превентивните мерки за ширење на коронавирусот Ковид-19 и заштита на граѓаните, се замолуваат сите граѓани да ги почитуваат сите мерки, препораки и забрани.

Во однос на работењето на Општина Ново Село, времено се укинува прием на странки во општинската зграда освен само за итните и неодложни барања.

За непречено работење и решавање на какви било проблеми со кои ќе се соочат граѓаните а е надлежна Општина Ново Село, се препорачува да ги користат следните контакти:

  • Одделение за урбанизам – 070 296 162
  • Одделение за финансиски прашања – 070 996 965
  • Одделение за даноци – 078 487 938
  • Телефонски број на општината – 034 355 202
  • Служба 24/7 – 078 367 568
  • електронска пошта: administracija@novoselo.gov.mk
  • или оставете порака на општинската веб-страна: novoselo.gov.mk

 

Општината ќе функционира на овој начин се до повлекување на мерките на Влада на Република Северна Македонија.

Одржан Информативен ден – ИПАРД Програмата, мерка 1

Во организација на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на РСМ и „3Д Проект Студио“ на 06.03.2020 во Салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село со почеток во 11 часот се одржа информативен ден за ИПАРД финансирачките можности, мерка 1.

Сите земјоделци кои сакаат да ги модернизираат фармите се до 14 април 2020 година, ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка преку ИПАРД 2 Програмата. Станува збор за мерката „ Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.216.693 евра или 568.147.394 денари. Овој повик им овозможува на земјоделските стопанства широк спектар на инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати.

Подобни корисници се:

Земјоделско стопанство:

  • Физичко лице (носител на семејно земјоделско стопанство);
  • Индивидуален земјоделец – ИЗ;
  • Правно лице;

Задруги

2. Приоритетни сектори се:

Растително производство

Житарици, индустриски култури, фуражни култури, градинарство (вклучувајќи и компир), повеќегодишни култури (овоштарници, вклучувајќи и трпезно грозје, маслинки, медоносни дрва за производство на мед), лозја.

Сточарско производство

Говедарство (млечно говедарство, гоење), свињарство (репродукција, гоење), овчарство и козарство (млечно овчарство/козарство, гоење), живинарство ( производство на месо – бројлери, кокошки носилки).

Преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделско стопанство

Млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук вклучувајќи и компири, печурки и мешункасти култури, жита, мелнички производи и производи од скроб, растителни и животински масла и масти, шира од грозје, сок од грозје, вино и оцет и сточна храна и фуражни култури.

Производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка

Обработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса (освен биомаса од рибни производи) за производство на биогас и/или био горива, користење на сончева енергија, ветерници, геотермална енергија итн.

3. Прифатливи инвестиции

  • Конструкција/реконструкција на објекти за производство или помошни објекти;
  • Конструкција/реконструкција на објекти кои се користат за пост-бербени активности и преработка на земјоделски производи;
  • Набавка на повеќегодишни растенија;
  • Набавка на нови машини и опрема;
  • Објекти и опрема за наводнување;
  • Набавка на специјализирани транспортни приколки;
  • Инфраструктура на земјоделско стопанство.

4.Висина на финансиската поддршка

Висината на финансиската поддршка изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Висината на финансиската поддршка ќе се зголеми до:

  • 65% за инвестиции во земјоделски стопанства реализиарани од страна на млади земјоделци;
  • 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Финансиската поддршка ќе се зголеми за 10 % за:

  • Инвестиции кои се однесуваат на системи складирање и управување со арско ѓубре;
  • Инвестиции за подобрување на ефикасноста од употребата на азотни ѓубривa и сл;
  • Инвестиции во објекти/опрема, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на био-енергија;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на енергија од другите обновливи извори за задоволување на сопствените потреби за енергија на земјоделско стопанство;
  • Инвестиции во објекти/опрема за третман на отпадни води/канализација.

Минимална вредност на вкупните прифатливи трошоци за инвестициски проект – 3.000 €.

Максимална вредност на вкупните прифатливи трошоци по еден корисник изнесува 1.500.000 €

за целиот период на спроведувањето на Програмата.

Идни инвестиции

Барателите може да поднесат повеќе проекти во рамките на оваа мерка во текот на спроведувањето на Програмата, под услов максималните вкупни прифатливи трошоци (до 1.500.000 €) да не бидат надминати и претходните проекти да бидат реализиарни (исплатени на корисникот).

Подетални информации во однос на рокот и начинот на аплицирање, услови и сл. може да се најдат на следниот линк: http://ipard.gov.mk

 

Потпишување на Меморандум за асфалтирање на улици

На ден 02.03.2020 година, во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија беше одржан свечен настан по повод потпишување на Меморандумите за разбирање со општините во однос на имплементација на Проектот за поврзување на локалните патишта. Меморандумите се потпишуваат со Министерството за транспорт и врски кои преку овој проект ќе овозможат изградба, реконструкција, рехабилитација, асфалтирање на локални улици во општините.

Општина Ново Село, во првиот круг од финансирањето преку Проектот за поврзување на локалните патишта ќе асфалтира улици во Ново Село, Мокриево и Колешино со вкупна должина од 3 км. Понатаму, во склоп на овој проект се планирани улици во Ново Коњарево, Сушица, и во Зубово спој со магистрален пат А4.

Чистење на дива депонија во Колешино

Како дел од низата активности кои Општина Ново Село ги превзема за ублажување на загадувањето е и чистењето на дивите депонии на територијата на општината. Денес (28.02.20) започна чистењето на дивата депонија во Колешино. Теренот околу депонијата е расчистен, и понатаму се забранува фрлање на каков било друг отпад освен на растителен отпад меѓутоа само во дупката на депонијата која е означена на самата локација.

Сите оние кои нема да ги почитуваат насоките ќе бидат соодветно санкционирани, а постојана контрола на локацијата ќе вршат комуналните редари како и веќе поставената камера.

Сите останати депонии ќе се чистат во наредните денови.

Информативен ден за ИПАРД 2014-2020, мерка 1

 

Почитувани,

Во организација на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на РСМ и „3Д Проект Студио“ на 06.03.2020 во Салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село со почеток во 11 часот ќе се одржи информативен ден за ИПАРД финансирачките можности, мерка 1.

ИПАРД Програмата 2014-2020 е програма која овозможува пристап до фондовите на Европската Унија наменети за финансиска помош на земјоделството и руралниот развој.

Приоритетни сектори и прифатливи инвестиции се: Сектор за растително производство, Сектор Сточарство, Преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделско стопанство и Производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.

Минималната вредност на вкупно прифатливите трошоци на предложената инвестиција за оваа мерка не може да биде пониска од 3.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ, додека максималната поддршка која може да биде доделена на еден корисник под оваа мерка изнесува 1.500.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ за целиот период на спроведување на Програмата.

Вкупната финансиска поддршка (75% од ЕУ фондовите + 25% национално кофинансирање) која се исплаќа во вид на кофинансирање на инвестицијата во рамки на оваа мерка изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Одржан првиот Форум на локалната заедница во Општина Ново Село

Организиран форум под насловот „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на Општина Ново Село“. Форумот се одржа на 20.02.2020 година во Салата за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село со почеток од 15:00 часот.

На форумот беа присутни претставници на бизнис секторот, месните заедници, локални заинтересирани граѓани, градоначалникот на Општина Ново Село и општинската администрација. Поради големиот интерес и приклучување на локални заинтересирани граѓани и месни заедници, првично планираниот „Бизнис форум“ е преименуван во „Форум на локалната заедница“. Форумот имаше конструктивна дискусија во однос на формирање на работна група, модели на работа, како и идентификување на приоритетни проблеми кои се јавуваат во општината. Како најосновни приоритети произлегоа проблемите од комуналната сфера кои доминираат во општината.

Од форумот произлезе и првата работна група која е составена од 15 членови. Работната група беше формирана на доброволна база и е отворена за сите заинтересирани. Работата на работната група ќе биде отворена и транспарентна, и сите заинтересирани граѓани може да присуствуваат на нејзините  работни сесии. Работната група ќе се состанува еднаш неделно, а генерално форумот ќе се состанува еднаш месечно, во последниот четврток во месецот, во 15:00 часот.

Соопштение за медиумите во однос на Бизнис Форум организиран во Општина Ново Село

Предмет: Соопштение за медиумите

Почитувани,

Од овогодинашната средба помеѓу Градоначалникот на Општина Ново Село Г-дин Никола Андонов и бизнис заедницата по повод Стара Нова Година 2020, каде беше разговарано за тековните проблеми, можните решенија и можностите за подобрување на соработката помеѓу општината и бизнис заедницата произлезе потребата за редовна комуникација помеѓу општината и заедницата.

За таа цел, Општина Ново Село поттикната од бизнис заедницата организира Бизнис Форум насловен „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на Општина Ново Село“.

Овој бизнис форум има за цел да ја олесни понатамошната соработка помеѓу релевантните чинители (бизнис сектор, јавни и образовни институции,  месни заедници, здруженија на граѓани) за заеднички настап и учество во активности за подобрување на условите за развој на општината а со цел подобрување на квалитетот на животот на локалната заедница во Општина Ново Село.

Во рамките на настанот ќе се дебатираат следните теми:

  • Предлози за организирање на можни модели за бизнис партнерство
  • Избор на работна група за комуникација со општинската администрација
  • Општа дискусија
  • Заклучоци и план за понатамошни активности

Настанот ќе биде одржан на 20.02.2020 (Четврток) во Сала за состаноци во административната зграда на Општина Ново Село, со почеток од 15:00 часот и е воедно отворен за сите медиуми кои имаат желба да присуствуваат.

Font Resize
Контраст