Проект „Мрежа за примарна здравствена заштита“

Проектот „Мрежа за примарна здравствена заштита“

Project – “Primary Healthcare Network” – HealthNET– CN1-SO1.2-SC024

Проектот е финансиран од ЕУ и Национално ко-финансирање преку „ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020 година“.

Проектни партнери се:

  1. Проектен партнер 1: Општина Ираклеа (Грција)
  2. Проектен партнер 2: Институт за информатика и телекомуникации – Национален институт за научно истражување Демокритос (Грција)
  3. Проектен партнер 3: Општина Ново Село (Северна Македонија)
  4. Проектен партнер 4: Младинско здружение Феникс Ново Село (Северна Македонија)

Проектот има за цел да ги развие и подобри услугите од доменот на примарната здравствена заштита во руралниот прекуграничен регион каде што населението има тежок пристап до здравствените единици, особено за старите и социјално загрозени лица, со посебен акцент на рана дијагноза и превенција на несакани здравствени состојби.

Како најважна проектна активност преставува набавката на мобилна здравствена единица – мобилна амбуланта. Оваа специјализирано возило ќе пружа здравствени услуги директно на граѓаните. Возилото ќе биде опремено со медицинска опрема, ИТ опрема и шесто-член кадар (два доктора, медицинска сестра, социјален работник, ИТ експерт и возач). Мобилната амбуланта ќе се движи низ општината, во руралните средини и ќе пружа примарни здравствени услуги. Медицинската опрема ќе вклучува апарат за мерење крвен притисок, спирометар (мерење на волумен на белите дробови), инструменти за мерење на шеќер, триглицериди, и холестерол во крвта, оксиметар (мерење на ниво на кислород во крвта), два типа на ЕКГ, ЕХО ултразвук и др. Медицинскиот персонал ќе врши различни видови прегледи, дијагнози и сл.  и истите ќе бидат бесплатни за граѓаните.

Проектот промовира социјална вклученост и се бори против сиромаштијата и дискриминација бидејќи обезбедува здравствени услуги на луѓе од оддалечени области кои имаат тежок пристап до здравствени услуги. Следствено ги намалува нееднаквостите во однос на здравствениот статус.

Општествената корист е најдобро искажана преку здравствените услуги кои ќе се осврнат на рана превенција и дијагноза кај старите и социјално загрозени лица во руралните средини каде тие немаат пристап до основни здравствени услуги.

Очекувани резултати:

Очекуваните резултати кои ќе произлезат од проектните активности вклучуваат:

  • намалување на бројот на приеми во болници и последователно намалување на секундарните и терцијалните здравствени трошоци;
  • заштита на ранливи социјални групи од болнички инфекции и обезбедување на информации за самостојно менаџирање со сопстените здравствени состојби;
  • подобрување на психолошката состојба на социјално ранливите групи;
  • подобрување на квалитетот на животот во руралните средини;
  • промовирање на превенција и рано дијагностицирање, намалување на трошоците за здравствена заштита;
  • обука на старатели и здравствени работници да ракуваат со паметни здравствени апликации;
  • ќе се подобри процедурата за собирање на медицинска историја на пациенти, и медицински третман што го добиле од мобилните единици;
  • ќе се развие меѓународен меморандум за разбирање и формирање на почетни точки за понатамошни здравствени активности.

Резултатите од проектот воглавно се фокусираат на еднакви можности и борба против дискриминацијата преку спроведување на иновативен пристап при обезбедување на примарни здравствени услуги од страна на локалната власт и здравствените организации во областа. Активностите на проектот ќе бидат достапни за вкупно 32.712 граѓани, од кои 11.567 се жители на Општина Ново Село.

Додадена вредност на проектот произлегува од сличните услови за живот (многу оддалечени села населени претежно со стари и изнемоштени лица) во областа на пограничниот регион. Очекуваните резултати од спроведување на проектот ќе помогнат во подобрување на соработката за одговор на заеднички проблеми во врска со прашања за социјална интеграција, размена на најдобри практики, создавање на мрежи и заеднички протоколи за здравствена и социјална интеграција.

По завршување на проектот мобилната амбуланта и опремата ќе бидат ставени во функција на јавното здравје каде ќе продолжат да даваат услуги на регионално ниво.

Буџет на проектот

Вкупниот буџет на проектот изнесува 1.085.330 евра, од кои Општина Ново Село има буџет од 363.530 евра. Финансиските средства се 100% неповратен грант од кои, 85% се финансиски средства од Европска унија, а 15% е национално кофинансирање.

Целна група на минимум услужени граѓани е 600 лица (стари и социјално загрозени лица).

Font Resize
Контраст