Обучени 14 негуватели за стари лица и лица со попреченост преку проектот „Центар за помош и нега во домот“
На ден 09.06.2021 година, 14 негуватели, преку обука организирана од ОО Црвен Крст Струмица, добија сертификати за успешно помината обука и се спремни да пружаат социјални услуги на стари лица и лица со попреченост во Општините Ново Село и Василево.
Градоначалникот на Општина Ново Село, обраќајќи се на новообучените негуватели истакна: “Овој проект е од големо значење за Општина Ново Село, бидејќи ние како општина имаме стара популација и затоа помошта од вас ќе биде од голема корист. Ние имаме обучено 9 луѓе, кои ќе им помагаат на 18 стари лица и лица со попреченост на кои им треба помош. Со овој проект ќе се доближиме повеќе до граѓаните, бидејќи граѓаните ја имаат таа потреба. Ви препорачувам да се однесувате одговорно за луѓето да бидат задоволни. Благодарен сум на Општинската организација на Црвен Крст Струмица кои заедно со нас како партнери го реализираме овој проект и се надевам дека ќе продолжи соработката“.
Обуката на негувателите беше овозможена преку проектот „Центар за помош и нега во домот“ кој е развиен преку меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Ново Село и Општина Василево во партнерсто со „Црвен Крст на РСМ ОО Струмица, а ќе се спроведува на територијата на двете општини. Проектот е финансики поддржан од Министерството за труд и социјална политика и Светска банка.
Целта на проектот е давање на услуги со кои ќе се обезбеди помош во вршење на основни и инструментални активности од секојдневниот живот за лица со намален функционален капацитет кои неможат сами да се грижат за себе, со цел да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.
Во наредниот период, тимови на Црвен Крст ќе излезат на терен, на територија на двете општини, со цел да ги мапираат потенцијалните корисници на услугата помош и нега во домот.











