Реконструкција на улици во Општина Ново Село во должина од 3 км
Реконструкција на улици во Општина Ново Село во должина од 3 км
Министерството за транспорт и врски со 70 милиони евра обезбедени од Светска банка го спроведува Проектот за поврзување на локални патишта (ППЛП) со цел да ги поддржи општините во санација / надградба на постоечка локална патна инфраструктура.
Како дел од Проектот за поврзување на локални патишта, Општина Ново Село и Министерството за транспорт и врски ќе ги спроведуваат под-проектите Реконструкција на локални патишта во н.м. Мокриево, во н.м. Колешино и во н.м. Ново Село.
Овие под-проекти имаат за цел да ја подобрат патната инфраструктура и да овозможат подобра врска со околните населени места. Реконструираните улици ќе овозможат современа патна инфраструктура која обезбедува поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, го олеснува движењето при лоши временски услови, ја спречува постојаната ерозија и го спречува загадувањето со постојани наноси на прашина при сувите периоди на земјените патишта.
Главните градежни активности при реконструкција на улиците се: обележување и обезбедување на трасата, ископ на земјениот материјал, обработка на тло, изработка на тампонски слој од дробен камен, изработка на дренажа и одводнување, изработување на асфалтен слој и сл.
Локалниот пат во н.м. Мокриево опфаќа вкупна должина од 657,24 метри. Проектирана вредност на реконструкцијата изнесува 3.638.190,75 денари со ДДВ.
Локалниот пат во н.м. Колешино опфаќа вкупна должина од 983,61 метар. Проектираната вредност за реконструкција изнесува 8,745,730.89 денари со ДДВ.
Локалниот пат во н.м. Ново Село (ул. Струмица со краци) опфаќа вкупна должина од 1.459,71 метар. Проектирана вредност за реконструкција изнесува 12,057,587.51 денар со ДДВ.
Вкупната проектирана инвестиција за трите локални улици изнесува 24.441.509,15 денари со вклучен ДДВ.
Реконструкцијата на овие три улици во општината се само првиот бран на реконстрикции на улици преку Проектот за поврзувње на локални патишта, во моментот се работи и на реконструкција на локални улици во останатите населени места во Општина Ново Село.