Археолошки локалитет Црвено Поле

Локалитетот Црвено Поле се наога 37 км североисточно од Струмица, на крајниот југоисток на Р.Македонија на самата граница со Р.Бугарија, 15 км северно од општинскиот центар Ново Село и 8,5 километри северно од с.Барбарево во чиј атар и се наоѓа.

Сместен високо во пазувите од планината Огражден на околу 1200 м надморска висина, тоа е  посебен микро-географски регион кој го чинат неколку ридови во низа, со правец на простирање југоисток-северозапад. Дека регионот бил населен и во минатото потврдуваат и петте локации од римски и доцноантички период каде се регистрирани архитектонски и духовно-материјални остатоци од минатото кои заокружуваат една компактна и комплексна целина на организиран живот кој овде се одвивал повеќе од 6 века односно од  I до VI  век од н.е.

Во централниот дел на Црвено Поле, на поголема висорамнина, се простира населба од отворен тип. На површина од неколку хектари, која се спушта кон југ со површинска опсервација се регистрирани неколку десетици објекти од стамбен и од стопански карактер и две некрополи. Реката Белогазица населбата ја дели на два дела: северен “Јанина чешма” и јужен – “Папри”.

Јанина Чешма

Постои еден позачуван објект, а останатите објекти се видливи на површината од теренот во основите на ѕидовите. Објектот е лоциран во западниот дел на населбата Јанина чешма , со правоаголна форма ориентиран север – југ. Градењето на објектот е изведен во два опуса: Opus implektum и opus incertum.
Opus implektum е присутен во долните партии кои се изградени со големи необработени камени блокови кои го формираат надворешното и внатрешното лице на ѕидовите, карактеристична појава е врамување на камените блокови со ситен камен, кој воедно прават и хоризонтално услојување.
Opus incertum започнува над opus implektum и е изведен со крупни камења без хоризонтално услојување а јадрото меѓу нив е исполнето со ситен камен и земја.

Објектот бил користен кога и некрополата со кремации: значи во периодот помеѓу крајот на 1 и 3 век.

Папри

Во населбата во јужниот дел – Папри се наоѓаат два објекти. Објектот I е со правоаголна форма која во јужниот дел завршува со полукружен ѕид, ориентиран север – југ. Објектот е граден на карпата каде биле ископани плитки темели кои потоа биле исполнети со камен и земја. За овој објект тешко е да се даде попрецизна датација но според содржината на градбата и неговата намена веројатно дека бил подигнат и користен во периодот кога егзистирал и Објект II со кого се дел од една целина.
Објектот II е граден во масивна градба со ѕидови од камен и кал во техника на ѕидање opus incertum. Освен камен за ѕидање на ѕидовите  употребувана е и непечена тула- ќерпич која е употребувана во ѕидовите на катот и околу прозорците. На самиот под од глина, во двете северни четвртини од Просторијата 1, се наога по едно огниште направени од поголем фрагмент на тегула и по една камена плоча. Иако не е целосно доистражен сепак може да се заклучи дека 5-те простории кои се истражени се економскиот дел кои заедно со Објeктот I кој е 4,5 м источно се целина од еден поголем стамбено-стопански објект. Според пронајдената монета на Диоклецијан  и керамичката ламба со крст, објектот бил во употреба од 3 до 6 век.

Каструм

Југоисточно од населбата е локацијата Градиште. На врвот од висок и доминантен рид со стрмни и непристапни страни бил подигнат збегот, рефугиумот, место каде во случај на опасност населението добивало заштита. Остатоци од темели зборуваат за силното укрепување на овој простор.

Некрополи

Гуштерова Чукарка
Некрополата е позиционирана на првиот во низата ридови поаѓајќи од југоисток, познат  кај локалното население како Гуштерова Чукарка. Зафаќа површина од околу 5000 м2 од кои досега се истражени околу 750м2, при што се обработени 81 гроб, густо збиени еден до друг. Кај сите гробови е применет ритусот на погребување со кремација на покојниците. Гробните јами се овенчани со камени венци кои го означуваат гробот на површината од земјата. Погребувањата на некрополата започнало кон крајот на 1 век па се до крајот на 3 век по христовото раѓање.

Спасов Рид

Педесетина метри позападно утврдено е постоење на уште една некропола со друг погребен ритус. Се работи за гробови- камени цисти вкопани директно во карпата и покриени со камени плочи изделкани исто така од карпата. Ориентацијата им е З-И. Истражени се само три гроба, кои заради големата киселост на карпата немаат зачувано остеолошки податоци. Но сигурни сме дека се работи за инхумирање на покојниците, прво заради големината на цистите а во еден од гробовите, на западниот крај, земјата е потемна како резултат на побавното распаѓање на  черепот. Во еден од нив во пределот каде би требало да биде раката на покојникот се пронајде бронзена белегзија карактеристична за доцната антика.

Овој простор почнал да се користи како некропола во 4 век.

 

Font Resize
Контраст