Туризам во Ново Село

Во Општина Ново Село има неколку туристички локалитети кои ја издвојуваат од останатите општини. Овде се наоѓаат надалеку познатите Смоларски и Колешински Водопад, но и Мокринските Извори, а секако не помалку значаен е и археолошкиот локалитет Црвено Поле.

БЕЛАСИЦА ПЛАНИНА

Планината Беласица се простира од реката Струма до Вардар, во должина од шеесет километри. Античкото име на оваа планина е Пангеона. Под ова име во 5 век преднашата ера ја споменува и таткото на историјата, Херодот. Планината порано ја споменувале и под името Керкина, но заедно со соседните области. Нејзините сртови подолго време биле покриени со снег, па поради тоа и планината го добила своето има Беласица. Инаку името Беласица е словенско – во значење на „светликава планина“.

Беласица е тесна и стрмна планина. Врвовите и острите чуки, по кои вијат гнезда големите горски птици – орлите, соколите, јастребите… покриени се со снег од октомври до мај. Нејзин највисок врв е Радомир со 2029 метри. Беласица е богата со бујни дабови и букови дрвја измешани со зимзелени борови над кои во летните месеци се разнесува пријатниот мирис на расцутените липи. Планината е богата и со костенови стебла особено во делот на општина Ново Село поточно во Подгорот. Водениот потенцијал со кој располага Беласица е огромен од многубројни извори од кои најпознати се Мокринските Извори па до бројни водопади меѓу кои и најголемиот во Република Македонија – Смоларскиот и најраскошниот – Колешинскиот водопад.

Во дамнешни времиња од утробата на оваа планина на примитивен начин се вадело злато. Се споменува уште во 5 век пред нашата ера дека златото од оваа планина го користеле кралевите, особено Александар, син на Аминта. Според една легенда на јужната страна на планината имало мијалиште на злато.

Беласица е позната посебно по тоа што во 1014 година во клисурата кај Кључ се судриле  војските на цар Самуил и византискиот император Василиј II. Во почетокот на летото 1014 година императорот Василиј II презел голем поход против македонскиот цар Самуил. Во јули стигнал во Кључката Клисура каде Самуиловите војници изградиле одбранбена линија, бедем. Почетните напади на непријателот биле одбиени од храбрите Самуилови војници. Кога видел византискиот император дека не може со фронтална борба да го победи непријателот, се послужил со воена замка, така на 29 јули 1014 година Самуиловите војници биле нападнати од задгрб и победени.

Еден патеписец, посетувајќи го подоцна местото каде се судриле двете војски, забележал: „Во своите неначнати шуми и голи чуки, легендарната Беласица го крие ехото на страшната и крвава битка, кога дење и ноќе небото и околните планински врвови се лулкале од пеколниот рев на илјадници војнички и добиточни грла… Храбрите Самуилови војници, понесени од неизмерната љубов кон татковината и возвишениот идеал за нејзина слобода, притиснати во студените прегратки на планината, на борбената линија останале до крај, без да отстапат ниту една педа земја. Умирале како херои. Далеку од родниот крај, од мајчините солзи, нивните гробовии денес се китат со пурпурни цветови, кои сонцето при изгревот ги облева со пурпурна светлина и нежно ги гали…“

Кон крајот на 14 век, или поточно некаде во 1382 –1383 година, десетина години по Маричката битка, Османлиите од Серес преку Беласица навлегле во Струмичката котлина.

Денес на Беласица се наоѓа тромеѓето меѓу Република Македонија, Република Бугарија и Република Грција. Тука е поставен граничен камен во вид на пирамида што го означува тромеѓето меѓу овие три држави.

Font Resize
Контраст