Страчинарски игри

Неприкосновена е вистината дека народ без обичаи не е народ, а народ без минато нема своја иднина.

Традиционалната културна историја на македонскиот народ е проткаена со голем број адети, обичаи и традиции кои се една од најзначајните компоненти од народниот живот. Различните видови од материјалната, духовната и општествената култура целосно го преставуваат македонскиот национален идентитет.
Нашите најстари предци со векови одржувале низа обичаи кои биле поврзани со нивниот секојдневен живот. Еден од таквите обичаи кој води мошне дамнешно потекло, од паганско, односно од предхристијанско време е маскирањето. Маскирањето за време на нивните обреди и ритуали ги одржувале во нивната борба за опостанок. Тие сметале дека нивните страшни маски ќе бидат доволно импресивни да ги уплашат и прогонат сите лоши сили, зли духови и демони во кои тие верувале.

Во обичајот маската ги спојува учесниците во една заедница.
За маскирање се користат најразлични предмети од природата, од животинско и растително потекло.( черепи, рогови, пердуви, заби, волна, кожи, низи од сушени пиперки и друго, на половините носат ѕвонци, се црнат со саѓи, во рацете носат долги стапови и дигат голема врева, за да бидат пострашни во прогонувањето на лошите сили.
Овие обреди се со имитативни маѓииски и манипулативни дејствија со цел да се обезбеди здравје, плодност, бериќет, зајакнување на силата на луѓето, растенијата и животните, на преминот меѓу зимскиот и пролетниот период – односно протерување на зимата и доаѓање на пролетта.
Овие обичаи се одржуваат зимата, во деновите на народните празници од Божиќ до Водици (Богојавление), во т.н.некрстени денови кои се сметат за лоши, погани и неарни.Се верувало дека овие денови по земјата шетат лоши сили: чумата, колерата, караконџулот и вампирите кои прават пакости на луѓето. Гонејќи ги овие лоши сили со обичаи под маски јасно зборува за нивниот пагански карактер. Василичарските обредни игри се симболично испраќање на Стара Нова година, а учесниците се исклучиво мажи и се наречени „Василичари“

Мокриево е населба која векови наназад ја негува оваа традиција. По своите сеќавања тие знаат дека тоа се пренесувало низ времето. Во својата историја во време на ропство, не престанале да ги изведуваат своите обичаи. Се сеќаваат тие, додека биле под турско ропство, Турците кои живееле во нивното село, застанувале да ги гледаат, им се смееле и ги подбуцнувале да се тепаат при поделбата на маалите за просење.
Изведувањето на обичајот трае два дена, на 13 и 14 јануари.

 

Font Resize
Контраст