Сушица
Подогражденското село Сушица се наоѓа во источниот дел на раскошната и плодородна Струмичка котлина
Подогражденското село Сушица се наоѓа во источниот дел на раскошната и плодородна Струмичка котлина. Над него се извишува планината Огражден а под него е полето – нивјето и ѓолот. Околу него, како во круг, се подредени селата Секирник, Штука, Иловица, Барбарево, Ново Село и Зубово. Да се стигне до него треба на 17 километар од магистралниот пат А-4, Струмица – Ново Село, да се скршне лево.
Самото негово име покажува дека водата за пиење и за широка употреба отсекогаш претставувала насушен проблем за неговите жители. Топонимот „Сушица“, инаку, според народното предание, значи „суво место“, без вода. Водата во поранешните години за сушичани била „скапоцена“ и „света“. Затоа и малкуводната огражденска река, којашто минува низ „безводното село“, била наречена Пресветица. Сега се вика Сушичка или Селска Река. Таа го дели селото на два дела а вода има до јуни, бидејки во летните месеци реката пресушува. Пред изградбата на хидросистемот за наводнување, обработливите површини во атарот на селото Сушица жеднееле за вода. Но, со изградбата на хидромелиоративните ситеми како и на деталната каналска мрежа, селото доживеа ренесанса, се прероди, живна неговата стопанска активност. Водата од хидросистемот ги направи поработливи и побогати.
Во Средниот век, пред доаѓањето на Турците – Османлии на Балканот, па и во Струмичката котлина, во ова подогражденско село живеело македонско население. Тогаш селото било мало. Кога Средовековна Македонија потпаднала под власта на Србите, како и во многу други краишта на Македонија, така и во струмичкиот крај српските феудалци (за задужбина) им подарувале имоти на светогорските манастири. На пример средновековниот српски феудалец Хрељо (Хреља), на Хилендарскиот манастир му подарил пасишта на планината Огражден, како и селата Секирник, Штука и некои други населби заедно со имотите. Подоцна на овој манастир му е подарена и Сушица.
Со потпаѓањето на Македонија под власта на Османлиите во Сушица се населило муслиманско население односно настанала инвазија на нови жители од Ориентот, главно Јуруци и Коњари во целата Струмичка котлина. Староседелците односно месното македонско население, неможејќи да го издржи притисокот на колонистите од Анадолија, карактеристични по својот азијатски фанатизам, се иселило од селото. Така, селото Сушица во еден период од турското ропство, станало чисто турско населено место. Јуруците дошле пеш во Струмичката котлина, заедно со семејствата, добитокот и покуќнината. Од анадолските предели тие навлегле во Тракија а од таму по стратешкиот пат што водел преку градовите Драма, Серес и Петрич навлегле во привлечната за нив Струмичка котлина. Анадолците со доселувањето во овој крај го пренеле биволот како запрежен добиток а од земјоделските култури ги пренеле: памукот, сусамот, афионот, оризот и бостанот. Во текот на владеењето на Османлиите на Балканот, во струмичките подрачје од Америка бил пренесен и тутунот. Турската власт, инаку, го помагала развојот на сточарството во селата, ги стимулирала сточарите да одгледуваат повеќе добиток. Зашто коњите им биле потребни за воени цели – за потребите на спахиската коњаница а овците ги одгледувале за исхрана на војниците и на градското население. А во тоа време во Сушица било мошне развиено сточарството. На дофат биле и пространите пасишта на планината Огражден.
Новодојдените жители го измениле ликот на селото. Тоа добило ориенталска физиономија. Со наездата на колонистите од малоазиските предели, селото осетно се зголемило. Подоцна станало и чифлик на богатите бегови. Во селото се измениле неколку чифликсајбии. Селото за време на турското ропство било поделено на две маала – на чифлик и на турско маало. Главно занимање на населението било сточарството и било познато по богатиот сточен фонд. Имало многу овци кои паселе по пространите и обилни огражденски пасишта.
Од народното предание се дознава дека во селото имало и бегов конак. Имало и џамија. Таа и сега постои одолевајќи на забот на времето. Муслиманскиот верски објект лоциран е среде село и претставува нем сведок на едно минато време, споменик за ропските години под Османлиите. Ајдутинот Костадин Бансколијата, кој имал своја вооружена чета, во втората половина на 19 век присили еден чифликсајбија да им го продаде својот имот на селаните, главно, македонски рисјани.
Според етнографската карта на Струмичката каза (околија) од 1912 година во почетокот на 20 век селото било големо и во него повеќе живеело македонско население – три четвртини од населението биле Македонци а само една четвртина биле Турци. По Првата балканска војна, Турците масовно се иселиле во Турција, а на нивно место дошле нови жители – Македонци од ридско-планинското село Барбарево и некои други селски населби од пасивните краишта на Огражден. По завршувањето на Втората балканска војна во Сушица се населиле и т.н. „бежанци“ од околината на градовите Кукуш и Костур од егејскиот дел на Македонија.
По ослободувањето, селото е во постојан пораст. Значително е зголемен бројот на неговите жители. На пример во 1971 година селото имало околу 1750 жители а во почетокот на 1981 година бројот на жителите е зголемен на 1940. Освен тоа селото е подновено и проширено – со многу новоградби, со новоотворени улици, со електрична мрежа, со водоводна мрежа, со телефонска мрежа…
Денес Сушица брои околу 2000 жители и е второ по големина во општина Ново Село.