Ново Село

Ново Село е најголема населба во општина Ново Село и е општински центар.

Ново Село е седиште и најголема населба во рамките на Општина Ново Село. Се наоѓа во подножјето на планината Огражден, на надморска височина од 236 метри. Првин населбата била лоцирана во месноста Селиште, потоа во Волчји Дол, па преместена на денешното место. Се споменува во османлиските пописи од 1519 и 1570 година под името Јени Ќој (Ново Село). Во XIX век селото броело 1200 жители и било прво од селските населби во струмичката каза. Во 1842 година била изградена црквата „Св. Георги“, а во 1866 година се основало и училиште на македонски јазик. Во селото претстојувал и Гоце Делчев, а овде е роден и големиот комитски војвода Мануш Георгиев Турновски. Ново Село е седиште на истоимената општина од 1996 година. Во населбата има повеќе јавни институции како што се: Домот на културата „Јане Сандански“, ЈП „Комуна“, посебното училиште „Св. Климент“, основното училиште „Мануш Турновски“, градинката „Детска радост“, полициската станица, граничната полиција и противпожарната станица. Пазарот се наоѓа во центарот, а повеќе од еден век четврток е пазарен ден во Ново Село. Во 2004 година беше осветен манастирот „Св. Георги и Св. Антониј“, лоциран над населбата, а во негова непосредна близина се наоѓа и акумулацијата Новоселка. Во селото има пошта и изграден водовод уште од 1974 година. Според својот изглед, Ново Село наликува на вистинска градска населба со сите јавни институции, модерни приватни трговски објекти и куќи во неа. Советот има донесено одлука населбата да биде промовирана во градска населба со ново име. Според пописот од 2002 година, во Ново Село живеат 2756 жители и 754 семејства.

 

Font Resize
Контраст