Мокриево

Мокриево е 3-то по големина во општина Ново Село.

Мокриево се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 340 метри. Постојат две верзии за потеклото на името Мокриево. Едната е дека потекнува од грчкиот збор „макро“, што значи големо или долго, а втората дека потекнува од зборот „мокро“, со значење место богато со вода. Над селото се наоѓа разурната кула, која народот ја нарекува Пирго, сметајќи дека потекнува од времето на Цар Самуил и Беласичката битка од 29 јули 1014 година. Поради тоа, секоја година на 10 август (29 јули според стариот календар), сите жители се искачуваат на Пирго, каде што се наоѓаат и трите стари јавори (еден од јаворите неодамна беше исечен) од времето на битката. Селото прв пат е споменато во повелбите на браќата Јован Драгаш и Константин Дејановиќ и нивната мајка Евдокија од 1376 и 1377 година, кога е подарено на светогорскиот манастир „Свети Панталејмон“. Во 1870 година, основано е првото училиште во селото. Во почетокот на XX век, постоеле две училишта: патријаршиско (грчко) и егзархиско (бугарско). Денес во селото функционира четиригодишно училиште, во склоп на ЦОУ „Видое Подгорец“ од Колешино. Мокриево има сопствена пошта, здравствена станица, ветеринарни станици, матично одделение, месна заедница, дом за разонода формиран од луѓето кои се иселиле во странство. Селото има и свој фудбалски клуб со име „Подгор“. Селската црква „Свети Пантелејмон“ е изградена 1870 година. Тоа може да се заклучи од натписот на дарителите. Таа била зографисана во 1874 година, од страна на Андон Петров од селото Гари, Дебарско. Селската слава се одбележува на 9 август. Кон крајот на XIX век, била откриена стара црква и голема камена плоча на старословенски јазик, која била уништена. Според пописот од 2002 година, Мокриево има 1211 жители и 317 семејства. Овие податоци се сведоштво за намалувањето на бројот на населението, предизвикано од масовното иселување во странство. Имено, во 1981 година селото броело дури 1499 жители.

 

Font Resize
Контраст