Борисово

Борисово има 409 жители и е 11-то по големина во општина Ново Село.

Борисово се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 325 метри. Се смета дека селото го добило името според некој Борис, споменуван како основач на населбата. Прв пат селото се спомнува во повелбите на браќата Јован Драгаш и Константин Дејановиќ и нивната мајка Евдокија од 1376 и 1377 година, кога е подарено на светогорскиот манастир „Свети Пантелејмон“. Според струмичкиот митрополит Герасим (втора половина на XIX век), над селото Борисово постоела кула од Самуиловиот период, која подоцна била уништена. Според пописот на Васил К’нчов од 1900 година, во периодот на османлиското владеење, сите 800 жители биле со турска националност. По Балканските војни (1913 год.), Турците полека почнуваат да се иселуваат, а селото го населиле бегалци од Егејска Македонија и жители од Стиник, Барбарево, Бајково и Бадилен. Селото е познато по својата Боришка (Борисовска) Река, позната по своите мали водопади. Порано имало 12 воденици покрај реката, но сега не функционира ниту една. Сепак, некои од нив може и денес и да се видат. На реката е формирана и Борисовската брана, длабока 8 метри. Таа сепак не зафаќа голема површина и месните жители ја користат за риболов. Во селото постојат две земјоделски аптеки, но нема училиште, па децата до четврто одделение го посетуваат училиштето во Мокриево, а потоа училиштето „Видое Подгорец“ во Колешино. Порано постоел и фудбалски клуб наречен „Доганец“. Во селото забележлива е и една стара чешма, веќе пресушена, а и неколку јавори, стари стотици години. Непосредно до еден таков јавор се наоѓаат остатоци од минарето на една од двете некогашни џамии, како сведоштво дека овде некогаш живеело турско население. Црквата „Свети Кирил и Методиј“ се наоѓа на почетокот на селото, во близина на Мокриево. Според пописот на населението од 2002 година, во селото живеат 409 жители и 113 семејства – сите со православна вероисповед, од кои 408 се Македонци и 1 Србин.

 

Font Resize
Контраст