ПОУ Свети Климент Охридски

Посебно Основно Училиште Свети Климент Охридски – Ново Село

Училишната зграда во која е сместено ПОУ „Свети Климент Охридски“ е изградена 1948 година, а во неа се изведувала наставата на ОУ „Мануш Турновски“ сè до 1975 година. Откако ОУ „Мануш Турновски“ се преместило во нова зграда, овде останале двете новоформирани специјални паралелки за деца со пречки во психо-физичкиот развој (7 октомври 1975 година). Како посебна институција, ова училиште започнува да функционира од 31 јануари 1986 година под името „25 Мај“. На 2 јуни 1994 година, училиштето се преименува во „Св. Климент Охридски“. Оваа образовна институција за свои ученици ги прифаќа децата со лесна и умерена попреченост во психо-физичкиот развој и децата со аутизам. „Св. Климет Охридски“ е едно од четирите вакви училишта во државата – две во Скопје и едно во Велес. Училиштето располага со интернат од 10 спални, кујна, трпезарија, фискултурна сала, три занимални, кабинет по информатика и работилници по ОТП. Училиштето е добро опремено благодарение на донацијата на Јапонската амбасада од септември 2005 година како и донации од останати хуманитарци. Децата со лесна попреченост посетуваат настава од прво до осмо одделение, а додека децата со умерена попреченост се поделени на четири развојни нивоа според нивната возраст. Тие посетуваат настава од 7 до 12 часот, а од 14 до 16 часот се преселуваат во занималните. Во текот на школувањето, добиваат по три оброка на ден. Во учебната 2015/2016 година училиштето го посетувале 57 деца и тоа 35 деца со лесна попреченост, 11 со умерена и 2 деца со аутизам. Наставата ја изведува стручен кадар составен од дефектолози, социјален работник, педагог, наставници и воспитувачи.

Font Resize
Контраст